Пиратството кај Рогот на Африка, особено долж брегот на Сомалија и во Аденскиот Залив, годинава достигна највисоко ниво од 2013 година. Од почетокот на годината се регистрирани најмалку 15 напади, покажува анализа на АФП врз основа на податоци од Меѓународната поморска организација (ИМО).
Податоците ги опфаќаат инцидентите регистрирани од 1994 година во Аденскиот Залив, Арапското Море и Индискиот Океан, во радиус од околу 2.000 километри од брегот на Сомалија. За споредба, од 2013 година во регионот се бележеле само неколку напади годишно, додека во текот на целата 2025 година биле регистрирани вкупно пет.
Особено е зголемен бројот на напади во Аденскиот Залив, морскиот пат меѓу Сомалија и Јемен кој го поврзува Црвеното Море со Индискиот Океан. Само во ова подрачје од мај годинава се случиле осум напади.
Зголемената активност на пиратите се случува во период на сериозни нарушувања на поморскиот сообраќај во регионот. Пловидбата е значително отежната од 28 февруари, кога започна војната меѓу Иран, САД и Израел, што дополнително го загрози поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец.
Најголемиот пиратски напад годинава се случил на 21 април, кога група од околу 30 пирати, вооружени со автоматски пушки и рачни ракетни фрлачи, го нападнале нафтениот танкер „Honour 25“. Бродот пловел северно од Ејл, поранешно рибарско место во Пунтланд, кое со текот на годините станало едно од средиштата на сомалиското пиратство.
Пиратите заробиле 17 членови на екипажот, а бродот долг 90 метри и натаму е под нивна контрола.
И покрај зголемувањето на бројот на нападите, годинашниот број сè уште е значително помал во споредба со 2011 година, кога пиратството во регионот го достигна врвот. Во таа година, како и во претходните две, ИМО регистрирал околу 200 напади годишно.