Две децении по неговата смрт, името на Петре М. Андреевски и натаму е неразделен дел од македонската книжевност. Неговите стихови, романи и мисли продолжуваат да се читаат, а делата „Пиреј“ и „Дениција“ остануваат меѓу најпрепознатливите во неговиот богат творечки опус.
Андреевски е роден во 1934 година во Слоештица, Демирхисарско. Во своето творештво често се навраќал кон животот на македонскиот човек, неговите маки и радости, љубовта кон родниот крај и постојаната борба за опстанок.
Еден од симболите на неговото творештво е „Пиреј“. Романот, објавен во 1980 година, ја следи судбината на обичниот човек низ тешки историски околности. Самото растение пиреј, кое и по косење повторно никнува, во делото е претставено како симбол на истрајноста и непокорноста.
Значајно место во неговото творештво има и поезијата. „Дениција“, објавена во 1968 година, е една од неговите најпознати збирки. Во неа Андреевски пишува за љубовта, жената, родниот крај, животот и човековата судбина.
Неговиот израз се издвојува со едноставност, но и со силна поетска сликовитост. Во неговите дела често се препознаваат народни зборови и изрази, преку кои создава препознатлив книжевен јазик.
За своето творештво Андреевски ги добил најзначајните награди во македонската култура, меѓу кои „11 Октомври“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“ и „Стале Попов“.
Во 2000 година станал редовен член на Македонската академија на науките и уметностите, а во 2007 година, две години по неговата смрт, бил одликуван со Орден за заслуги за Македонија.
Споменот за писателот се чува и во неговото родно место. Во Слоештица во 2022 година била отворена спомен-соба посветена на неговиот живот и творештво.
И по 20 години од неговото заминување, делата на Андреевски продолжуваат да наоѓаат пат до нови читатели. Неговите стихови и прозни дела остануваат сведоштво за едно време, за луѓето и нивните судбини, но и за трајните теми на љубовта, страдањето и борбата за опстанок.
Меѓу стиховите и мислите по кои остана препознатлив се:
„Молњата што минува низ тебе во мене се одразува и јас живеам затоа што знам дека и ти живееш“.
„Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“.
„Кога ја љубев Дениција, како да калемев светлина на мракот, како да топев снегови фатени во движење, како да станував единствен сведок за бакнежот меѓу металот и громот“.
„По нејзината воздишка го запомнував воздухот за да можам да ја стигнам, незабележан од никого, но таа беше побрза од сите небесни светлини, зашто секаде сама си го осветлуваше патот“.
Од „Пиреј“ останаа запаметени и мислите:
„Пријателот ти е роднина кого самиот си го избираш“.
„На изгореното срце и окото му е суво. Не пушта солза и да го молиш“.
„Трагата на ѓаволот не му ја гледаш и пак по неа одиш“.
„Ама срцето човечко било бунар: само се полни, а не се преполнува“.
„На селаните, среќата им е променлива, а несреќата постојана“.
„Животот е една голема угорница, а уште поголема удолница по која трчаме. Цел живот трчаме за да го откриеме нејзиниот крај, нејзиниот газер, кај што ќе заврши и нашето талкање. Нашето постојано паѓање“.
„Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска! Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе оживи,ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева!“