Приватните превозници по девет дена блокади, синоќа одлучија да ги прекинат протестите и повлечат автобусите од булеварот „Илинденска” во Скопје.
Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски соопшти дека прекинуваат протестите на приватните превозници. Вели дека ќе дадат простор на дијалогот што го предложи премиерот Димитар Ковачевски.
„Денеска по овој прес сите автобуси што се на улица да се повлечат, за да му се овозможи простор на дијалогот што тој го предлага и што за нас е основа за средба на која што како што и самиот спомена ќе бидат презентирани сите аргументи, докази и факти за целава оваа состојба од која што и нему и на пошироката јавност после тие средби се надеваме дека како авторитети од висока институција ќе бидат пренесени во изворна форма на јавноста за таа да не се стави во заблуда“, рече Јовановски.
Тој инсистира на средбата со Ковачевски да има претставници и од Градот Скопје, но и од ЈСП за да ги соочат аргументите со кои што располагаат сите три страни, за јавноста да биде посоодветна запознаена.
Во втората половина на ноември престанаа да возат автобусите на „Слобода превоз“ со барање да им биде исплатен долгот кој им го должи Градот.