Сантос е пред потврда на големото засилување, откако Филипе Кутињо се очекува да го облече дресот на бразилскиот гигант и повторно да заигра со својот близок пријател Нејмар.
Тренерот на Сантос, Кука, потврди дека договорот со Кутињо е практично завршен и дека остануваат само формалностите пред клубот официјално да го објави неговото доаѓање.
„Тренираше со нас, учествуваше и во видеоразговорот што го снимивме пред тренингот. Веќе се вклопува и се приспособува на групата. Кутињо ќе ни помогне нам, а ние ќе му помогнеме нему“, изјави Кука.
Останува неизвесно во каква физичка форма се наоѓа поранешниот фудбалер на Ливерпул и Барселона, со оглед на тоа што нема одиграно натпревар од февруари, кога по острите критики од јавноста се раздели со Васко да Гама.
Во Сантос, Кутињо ќе игра заедно со Нејмар, со кого е во блиски пријателски односи. Нејмар веќе му посака добредојде на социјалните мрежи.
„Брате, толку сме среќни што си тука. Нашиот тим и нашите навивачи ќе те прифатат и ќе направат сè за да бидеш задоволен. Добредојде во Сантос“, порача Нејмар.
Според бразилските медиуми, Кутињо ќе потпише договор до крајот на декември. Тоа би било доволно за да му биде на располагање на стручниот штаб во завршницата на Копа Судамерикана.
Сантос е на чекор до пласман во полуфиналето, откако во првиот четвртфинален натпревар го совлада Атлетико Минеиро со 2:0.