Тетовскиот архитект Бошко Видоески отвори сериозни прашања за безбедноста на скопската обиколница по стравичната сообраќајна несреќа кај Мирковци, во која загинаа оперскиот баритон Ристе Велков, неговиот син Адам и двајцата 20-годишници Марко Ѓорѓиевски и Петар Миланов.
Анализирајќи фотографија од пробиените банкини на местото на несреќата, Видоески посочува дека разделниот појас меѓу двата коловоза бил обезбеден со „N2“ тип на банкини, кои според него се предвидени само за задржување лесни возила, а не тешки товарни камиони.
„Македонија го има имплементирано европскиот стандард EN 1317 за проектирање и изведба на патишта, а согласно него, левите страни на автопатите со висока фреквенција на сообраќај и товарни возила задолжително треба да бидат оградени со минимум „H2“ тип на банкина, која треба да задржи тешки камиони од премин во спротивна насока“, пишува Видоески.
Според него, токму тоа не се случило во оваа несреќа.
„Камионот лагано ги прегазил банкините и без значително намалување на брзината улетал во бемвето во спротивниот коловоз, што резултирало со пожар и четири жртви“, наведува архитектот.
Тој потсетува и на трагедијата со автобусот на „Дурмо Турс“, каде, како што вели, исто така биле пробиени банкини.
Видоески бара обвинителството да отвори поширока истрага и за инфраструктурните аспекти на несреќата, а не само за директната вина на возачот.
„Редно е обвинителствата да почнат да се занимаваат и со вакви работи. Да се провери проектната документација, кој навел каков тип на бариера треба да има, кој потпишал, дали проектантот алармирал, дали ревидентот одобрил, дали надзорот реагирал. Ова е сериозен синџир на одговорности“, посочува тој.
Во својата реакција додава дека „инфраструктурата во сериозна држава не смее да биде убиец“.
„Во најлош случај судар би се случил, ама веројатно не со таква брзина за да се запали бемвето и инстантно да биде фатален за патниците“, наведува Видоески.
Тој отвора и дополнително прашање околу возраста на возачот на камионот.
„Не ми е сфатливо како смее 76-годишен човек да вози камион навечер“, пишува архитектот.
Според досегашните информации од истрагата, камионот со косовски регистарски таблички ја пробил заштитната ограда, преминал во спротивната лента и директно удрил во автомобилот „БМВ“ во кој биле четворицата загинати. По ударот избувнал силен пожар, а возилото целосно изгорело.
Возачот на камионот е приведен, а истрагата за причините за трагедијата е во тек.