Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека спортската сала „Расадник“ повторно е ставена во функција, оценувајќи дека станува збор за еден од најемотивните и најзначајните проекти во неговата досегашна работа.
Тој истакна дека салата, која со години била руинирана, демолирана и оставена без перспектива, денес повторно е место каде што ќе се создаваат нови спортски успеси и спомени.
„Расадник не беше само сала. Беше симбол на спортскиот дух, на Вардар, на заедништвото и на црвено-црната енергија која генерации ја чувствуваа. Многумина не веруваа дека ова место повторно ќе заживее, но ние верувавме и си дадовме збор дека нема да дозволиме да остане заборавено“, порача Ѓорѓиевски.
Според него, со поддршка од Владата, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски, по три децении салата повторно станува дом на Вардар.
Обновениот „Расадник“ располага со реконструиран терен, уредени трибини, нови соблекувални, простории за стручните тимови, теретана, придружни спортски содржини, како и сопствен систем за греење и ладење, со што ќе може да функционира во текот на целата година.
„Од денес, Расадник повторно ќе биде место исполнето со тренинзи, натпревари, детска радост, аплаузи и навивачка енергија. Ова е важно не само за Вардар, туку и за младите спортисти и идните генерации кои ќе растат со спортот“, истакна Ѓорѓиевски, посакувајќи им многу нови успеси на сите што ќе бидат дел од приказната на старо-новиот дом на Вардар.