Семејството на Чак Норис соопшти дека легендарниот актер и боречки уметник починал ненадејно вчера утрото, опишувајќи ја загубата како длабоко болна. Тој почина на 86 години, а роденден славеше пред десет дена.
Во емотивно обраќање, семејството наведе дека Норис бил опкружен со најблиските во последните моменти и дека заминал во мир.
„За светот, тој беше боречки уметник, актер и симбол на сила. За нас, тој беше посветен сопруг, грижлив татко и дедо, неверојатен брат и срцето на нашето семејство“, се наведува во пораката.
Тие додаваат дека неговиот живот бил воден од вера, цел и непоколеблива посветеност кон луѓето што ги сакал, а преку својата работа, дисциплина и човечност инспирирал милиони ширум светот.
Семејството истакнува дека, иако нивните срца се скршени, чувствуваат длабока благодарност за животот што го живеел и за спомените што ги споделиле со него. Особено ја нагласуваат поддршката од обожавателите, кои, како што велат, за Норис не биле само публика, туку пријатели.
Во пораката се споменува и неговата неодамнешна хоспитализација, за која јавноста веќе беше информирана, при што семејството се заблагодарува за молитвите и поддршката што пристигнувале од целиот свет.
На крајот, тие апелираат за приватност во овие тешки моменти.