Музичкиот свет остана без уште едно препознатливо име. Џансевер Далипова, позната како Џансевер, почина на 8 август 2026 година, на 59-годишна возраст, во болница во Есен, по долгогодишна борба со тешка болест.
Само еден месец пред нејзината смрт, пејачката го прослави својот 59-ти роденден. На 8 јули таа сподели емотивно видео од прославата, не знаејќи дека тоа ќе биде едно од нејзините последни обраќања до публиката.
„Прославивме мал роденден. Самара ме изненади, ѝ благодарам, бев многу среќна, а дојдоа и моите најблиски. Беше прекрасно и бев многу среќна. Благодарност до Фатос и Наташа, како и до моите две мали јагниња. Ви благодарам и за подароците“, напиша Далипова во описот на видеото објавено на Инстаграм.
Во емотивната снимка се слушаше и нејзината песна „Ondan Ver Bana“, која зборува за љубовта, лојалноста и нераскинливата врска со саканата личност.
Кон крајот на минатата година, Џансевер јавно проговори за својата борба со леукемијата. По трансплантацијата на коскена срцевина се чинеше дека најтешкиот период е зад неа, но болеста повторно се врати. Нејзината смрт ја потврдиле семејството и менаџерскиот тим, по што следуваа бројни пораки со сочувство од колеги, пријатели и обожаватели од регионот и Турција.
Џансевер е родена на 8 јули 1967 година во Велес, а музиката била дел од нејзиниот живот уште од најраните години. Нејзиното детство и младост, сепак, биле проследени со тешки животни искушенија.
На 12-годишна возраст го изгубила видот на едното око во несреќа, а подоцна се соочила и со сериозни здравствени проблеми. Во 1994 година ѝ била дијагностицирана тешка форма на ревматизам на грбот, поради што подолг период имала проблеми со движењето. По долгогодишна борба, во 2009 година била оперирана во Германија.
И покрај здравствените проблеми, нејзиниот глас останал нејзино најсилно оружје. Препознатливата интерпретација и силната емоција ја направиле една од позначајните изведувачки на ромската и балканската музичка сцена.
Кариерата ја започнала во Македонија, каде што во 1992 година го издала својот прв албум. Голем пресврт во нејзината кариера се случил во 1997 година, кога настапила во популарната турска емисија „Ибо шоу“, која ја водел Ибрахим Татлисес.
Со изведбата на песната „Кара Чадир“ таа го привлекла вниманието на турската публика и ја отворила вратата кон успешна кариера во Турција. Со текот на годините изградила статус на почитувана изведувачка на арабеска музика, додека истовремено останала популарна и на Балканот.
Во текот на кариерата соработувала со бројни музички имиња и никогаш не го криела своето ромско потекло. Напротив, често истакнувала дека музиката има сила да ги поврзува луѓето и различните култури.
Со нејзиното заминување, ромската и балканската музичка сцена загуби препознатлив глас, а нејзината животна приказна останува сведоштво за големите искушенија што ги надминувала и за љубовта кон музиката која ја следела низ целиот живот.