Снимката од бензинската пумпа на автопат, на која се гледа болен човек во комбето на итната помош на кислородна маска, додека медицинската екипа пие кафе и се освежува е всушност последната снимка од пациентот, објави „Слободен печат“. Тој починал неколку дена по овој неетички транспорт. Бил во терминална фаза на карцином и го транспортирале од Скопје до Струга. Голготата на овој пациент во последните денови од неговиот живот ја потврдува и фактот што семејството со сопствено возило најнапред се обидело да го однесе од Скопје до Струга, ама на излез од градот, во населбата Ѓорче Петров, пациентот им кажува дека не може да продолжи во тоа возило и дека му е лошо.
Така фамилијата неколку часови се обидувала да најде амбулантно возило за да го пренесе од Скопје до Струга во санитетско возило. Прво ѕвонеле во струшката општа болница. Оттаму им кажале дека возило може да добијат утредента. Потоа се јавиле во Здравствен дом Струга од каде им излегле во пресрет и испратиле екипа со комбето кое подоцна застана на бензинската пумпа. Во екипата имало лекар, медицинска сестра и возач. Снимката од бензинската пумпа е направена на денот на транспортот, во понеделникот на 14 август.