Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи објави дека денеска започнува еко-акцијата „GENERALKA WEEKEND“, која ја оцени како најмасовна акција од ваков тип на Балканот, со учество на десетици илјади волонтери, институции, организации и компании од целата држава.
Според него, во акцијата се вклучени 80 општини, повеќе од 600 организации и над 250 државни институции, а активностите ќе се реализираат на околу 500 локации низ државата.
На отворањето на акцијата присуствувале Гордана Силјановска-Давкова, Рози Мицкоска, амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, како и министерот за животна средина Муамер Хоџа.
„Чистата животна средина е заедничка одговорност. Секој има улога во изгледот на својата улица, маало, град и држава“, порача Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека чистотата на Скопје останува еден од главните приоритети на градските власти и дека јавните претпријатија и службите работат во три смени на одржување на хигиената.
Ѓорѓиевски најави и кампања за подигнување на јавната свест за заштита на животната средина, како и засилени инспекциски контроли на терен.
„Љубовта кон Скопје не се покажува само со зборови, туку со дела – со секоја чиста улица, зачуван парк и одговорно однесување“, истакна тој.
Според него, само со заедничка ангажираност може да се изгради чист, уреден и достоинствен главен град.