Во серијата руски ракетни напади врз Киев утринава се повредени 16 лица, од кои 15 се хоспитализирани, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко.
Тој изјави дека тие се повредени при пожар во катна зграда во населбата Соломенски по ракетен напад.
Според Кличко, во областа Подолск биле оштетени инфраструктурен објект и гасоводна цевка, а некои делови од градот останале без струја, пренесува Интерфакс Украина.
Едно лице загина, а 22 се повредени во руските ракетни напади врз Харков, соопшти шефот на регионалната администрација Олех Синехубов.
Тој изјави дека централниот дел на Харков, особено областа Шевченко, бил цел на руските удари и дека биле оштетени станбени згради, помошни згради и цивилна инфраструктура.
Руските сили утрово извршија масовен ракетен напад врз Украина.
Во исто време, Полска објави дека два пара борбени авиони Ф-16 и сојузнички танкер се на небото среде последниот бран руски напади врз Украина. Да потсетиме, минатиот петок руска ракета навлезе во полскиот воздушен простор три минути, пред повторно да премине на украинска територија. Полските власти не објавија дополнителни информации.