Американската истражувачка организација за вештачка интелигенција OpenAI почна да им ги нуди своите нови реклами во четбот на десетици огласувачи, објави весникот „The Information“.
Според извештајот, во текот на пробниот период кој ќе трае неколку недели, OpenAI од група огласувачи бара потрошувачка помала од еден милион долари од секој поединечно, а рекламите треба да стартуваат на почетокот на февруари, пренесува Ројтерс.
Како што наведуваат изворите, компанијата ќе ги наплатува своите услуги врз основа на бројот на прикажувања на рекламите, а не според кликнувањата. OpenAI засега не нуди технологија што би им овозможила на огласувачите самостојно и лесно да купуваат реклами, но работи на развој на таканаречени самостојни огласни решенија.
Оваа вест доаѓа откако компанијата, поддржана од Microsoft, минатата недела соопшти дека ќе започне да прикажува реклами во четботот ChatGPT на дел од корисниците во САД.
Со овој потег, OpenAI ги засилува напорите за остварување приходи од својот четбот со вештачка интелигенција, со цел да ги покрие високите трошоци за развој на технологијата. Ова претставува значителен пресврт за компанијата, која досега главно се потпираше на претплатнички модели.
Потегот воедно го покажува и притисокот со кој се соочува OpenAI да ги зголеми приходите, додека истовремено значајно инвестира во центри за податоци и инфраструктура.