Романските обвинители поднесоа обвинение против инфлуенсерот Ендру Тејт, кој се товари за трговија со луѓе, перење пари, сексуални односи со малолетничка и влијание врз сведоци. Во истата постапка е опфатен и неговиот брат Тристан Тејт, кој е осомничен за помагање при извршување на повеќе кривични дела.
Според обвинителството, браќата Тејт преку сексуална експлоатација на малолетни жртви стекнале повеќе од 1,25 милиони долари.
Ендру Тејт, според наводите во обвинението, во периодот од 2012 до 2021 година регрутирал малолетничка и сексуално ја експлоатирал во Велика Британија и Романија. Таа, како што се наведува, била принудувана да создава порнографски содржини, кои потоа Тејт ги продавал.
Обвинителите наведуваат и дека од декември 2020 до средината на 2021 година Тејт имал сексуални односи со друга малолетна жртва, која во тој период имала 15 години.
Дополнително, обвинителството ги товари браќата дека од декември 2023 до јули 2024 година купиле и регистрирале четири автомобили на имиња на лица од доверба, со цел да го прикријат потеклото на средствата за кои се сомнева дека биле стекнати преку криминални активности.
Романските обвинители побарале конфискација на четирите луксузни автомобили, чија вкупна вредност се проценува на 825.000 евра, како и на 1,25 милиони долари за кои тврдат дека потекнуваат од експлоатацијата на малолетничка.
Браќата Тејт, поранешни кикбоксери со американско и британско државјанство, беа уапсени во Мајами кон крајот на јули, откако Велика Британија побара нивно екстрадирање. Предметот потоа беше проследен до судот во Букурешт.