Полицијата вчера извршила претреси во неколку скопски општини – Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода – со цел обезбедување на докази поврзани со бесправна градба. Акцијата е спроведена по наредби од Јавното обвинителство, а во неа учествувале повеќе оддели на МВР, меѓу кои и организиран криминал, криминалистичка полиција и СВР Скопје.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција истакна дека не станува збор за реакција на актуелниот интерес на јавноста, туку за редовни активности што Министерството ги спроведува секојдневно.
– Ова не е нешто што се прави поради моментален интерес, туку е дел од тековната работа на МВР. Во моментов не можам да споделам детали околу обезбедената документација – изјави Тошковски.
Тој додаде дека полицијата постапува строго по закон, а секој случај на утврдена дивоградба што претставува безбедносен ризик ќе биде предмет на постапка за уривање.
Одговарајќи на новинарско прашање дали полицијата постапува по пријавите од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, министерот рече дека МВР работи по сите случаи каде што добива наредба од обвинителството.
– За разлика од претходно, денес предметите не завршуваат во фиока. Континуирано се работи и се преземаат активности. Градоначалничката сите докази ги доставува до обвинителството за организиран криминал, кое пак, издава конкретни наредби до МВР. Секој треба да си ја врши работата во рамки на своите надлежности – нагласи Тошковски.
фото: ФБ