Министерот за отчетност, кој како новинар често ја критикуваше претходната власт дека држи прес-конференции на нарачани прашања и само на тема, Роберт Поповски, денеска ги советувал министрите како да им избегаат на новинарите и на снимателите.
-Подобро да ни се налутат, отколку да нѐ распнат, смета Поповски, а советот го уловиле новинарите на ИРЛ, кои пренесуваат за настанот.
Попоски пак веднаш излезе со демант на оваа информација. Во соопштението кое го испратија се вели:
-Кабинетот на министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, ја демантира веста дека ги советувал ПР службите на министерката Шекеринска да бегаат од новинарите. Ваквата информација не е точна, а за тоа говори самиот факт што министерката Шекеринска даде изјава и одговараше на новинарски прашања после настанот за промоција на Стратегијата за едно општество, при што присутен беше и министерот Поповски.
Во дискусијата која претходеше на дадените изјави за медиумите, министерот Поповски им појасни на медиумите дека сите пораки за Стратегијата за едно општество ќе бидат презентирани на самиот настан, и дека организаторот на настанот не предвидел изјави за медиуми. Но, откако беше увидено дека новинарите се веќе позиционирани за изјава и бараат одговори на новинарски прашања, истите им беа овозможени, а министерката Шекеринска одговори на сите прашања.