Болките во ногата посилни од желбата и упорноста на малиот охридски херој. Марко Пејчиновски по изминати 4 часа и 49 минути во водите на Охридското Езеро и минати 11 километри и 840 метри беше приморан да го прекине соло маратонот во должина од 64 километри кој го посвети на лицата со ретки болести.
Желбата на Марко беше да плива од Охрид до Свети Наум, потоа до Струга па назад во Охрид.
Инаку Марко во секој случај е победник и миленик не само на Охриѓани, туку и многу пошироко. Тој со некроза на ногата, минатата година го преплива Охридското Езеро на патеката Свети Наум-Охрид во должина од 25 километри. Тогаш, јавноста, охриѓани, како и медиумите го прогласија за херој од дете. Пејчиновски препорака за привање добил од лекарите пред три години, кои му кажале дека тоа е најдобра терапија за неговата болест. Некрозата е болест која го попречува нормалниот крвоток на ногата, поради што се јавуваат проблеми со моториката.
Марко ги послушал лекарите, по што тренирал секојдневно. Тој по големиот успех мината година кажа дека никој не го тера да плива, а почнал со овој спорт бидејќи сака да биде здрав кога ќе порасне.
„Јас во текот на пливањето главно ги користам рацете. Нозете ги користам во интервали од околу петанесет минути за да ги раздвижам, да не добијам грч на мускулите. Имам по околу 60 завеслаи со рака во минута”, вели Марко.