Сопственикот на косовската новинска агенција „КосоваПост“, Фадиљ Пушколи, синоќа бил приведен на граничниот премин „Блаце“. Пушколи, кој е и поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), според првичните информации објавени од дел од медиумите, бил приведен по налог и потерница издадена од Србија.
Пушколи самиот на Фејсбук објавил дека е приведен и побарал помош од косовските власти. Подоцна соопштил дека по разговорот и испрашувањето со полицијата бил ослободен.
Во објавата тој ѝ се заблагодарил на македонската полиција, особено на полицајците Албанци, за однесувањето во текот на постапката.
„По разговорот и испрашувањето, бев ослободен од полицијата на Северна Македонија. Сакам да ѝ се заблагодарам на полицијата на Северна Македонија, особено на полицајците Албанци, за коректноста, почитта и доброто однесување во текот на целата постапка. Ви благодарам за коректноста и професионалноста!“, напиша Пушколи.
Засега нема официјални информации со кои би се потврдило дека Пушколи навистина бил баран од Србија, како што беше наведено во првичните објави. Македонските институции досега не соопштија детали за неговото приведување на „Блаце“.