Британската полиција ја истражува смртта на поранешната конзервативна министерка Ен Видикомб како убиство, откако таа беше пронајдена мртва во својот дом во грофовијата Девон.
Видикомб (78), поранешна пратеничка во Европскиот парламент и една од најпознатите поддржувачи на Брегзит, беше пронајдена со тешки телесни повреди, соопшти полицијата на Девон и Корнвол.
Главната инспекторка Илона Росон изјави дека полицијата трага по осомничен, за кого засега се верува дека е белец и дека се ангажирани сите расположливи ресурси за да се утврдат околностите на случајот и да се пронајде одговорното лице. Таа ги повика сите што имаат какви било информации да се обратат до полицијата.
Видикомб беше пратеничка во британскиот парламент 23 години, претставувајќи ја изборната единица Мејдстон во Кент. Од 1994 до 1997 година беше министерка во Министерството за внатрешни работи и министерка за вработување во владата на Џон Мејџор.
По заминувањето од парламентот се посвети на телевизиската кариера, настапувајќи во британската верзија на „Танц со ѕвездите“ во 2010 година и во реалното шоу „Celebrity Big Brother“ во 2018 година.
Како долгогодишен поддржувач на излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија, од 2019 до 2020 година беше европратеничка од редовите на Brexit Party, а подоцна се приклучи на партијата Reform UK на Најџел Фараж, каде што беше еден од најгласните застапници за прашањата поврзани со имиграцијата и правосудството.
По веста за нејзината смрт, бројни британски политичари оддадоа почит. Лидерот на Reform UK, Најџел Фараж, изјави дека Видикомб одиграла клучна улога во остварувањето на Брегзит, додека лидерката на Конзервативната партија, Кеми Бејденок, рече дека е шокирана од, како што го нарече, „суровиот и страшен напад“. Британскиот премиер Кир Стармер, исто така, изрази жалење, оценувајќи дека Видикомб со години била препознатлива личност на британската политичка сцена и дека ѝ служела на земјата со голема посветеност.