Папата Лав XIV го доби највисокото признание што Реал Мадрид го доделува, соопшти шпанскиот гигант на својата официјална интернет-страница.
Одлуката била донесена по иницијатива на претседателот на клубот, Флорентино Перез, кој неодамна обезбеди нов мандат на чело на Реал Мадрид до 2030 година. Станува збор за почесен статус, односно највисока клубска почест што Реал им ја доделува на личности за кои смета дека имаат исклучителен придонес и универзално значење.
„Со ова признание, Реал Мадрид го изразува своето восхитување и оддава почит на универзална личност која претставува милијарди луѓе и ги промовира мирот, солидарноста и правдата низ целиот свет“, се наведува во соопштението на клубот.
Папата Лав XIV пред четири дена го посети стадионот „Сантијаго Бернабеу“, а во Реал Мадрид тој ден го оценија како посебен момент во богатата историја на клубот.
Поглаварот на Римокатоличката црква, кој е Американец, неодамна откри дека Реал Мадрид е неговиот омилен фудбалски клуб. Со доделувањето на ова признание, тој се приклучи на малата група истакнати личности кои ја добиле највисоката почест на „кралскиот клуб“.