Граѓаните кои секојдневно патуваат меѓу градовите поради работа или образование повторно ќе треба да издвојуваат повеќе пари за автобуски превоз. Најголемо поскапување има на релацијата Тетово–Скопје, каде билетот во еден правец сега чини 250 денари, наместо досегашните 200 денари.
Повратниот билет на оваа релација чини 500 денари.
Поскапување има и за патниците кои користат автобуски превоз меѓу Куманово и Скопје. Билетот во еден правец е зголемен од 170 на 200 денари, додека повратниот билет чини 400 денари.
За оние кои секојдневно патуваат до Скопје, повисоките цени значат и значително поголеми месечни трошоци. Работник од Тетово со минимална плата од околу 26.000 денари, кој патува 22 работни дена во месецот, би издвојувал околу 11.000 денари месечно само за превоз, односно околу 42 отсто од платата.
Кај патниците од Куманово, месечниот трошок за секојдневен превоз би достигнал околу 8.800 денари, што е приближно една третина од минималната плата.
Поскапувањето предизвика незадоволство кај граѓаните, особено кај студентите и работниците кои секојдневно мораат да патуваат до Скопје и немаат друга можност за превоз.
Од Министерството за економија и труд велат дека во услови на пазарна економија цените се формираат слободно и дека во моментов нема законска основа за нивно ограничување.
Приватните автобуски превозници засега немаат објавено официјално објаснување за зголемувањето на цените.