Лешничката Долина е целосно ослободена од цевководната инфраструктура поврзана со планираните мали хидроелектрани „Пена 84“ и „Пена 85“, информира Националниот парк „Шар Планина“.
Од Националниот парк велат дека по започнатата демонтажа и изнесување на цевките пред неколку недели, денеска е отстранета и последната цевка од Лешница.
Активностите, како што посочуваат, не се ограничиле само на отстранување на цевките кои со години биле оставени во долината. Биле откопани и цевките кои претходно биле закопани, по што и тие целосно биле изнесени од подрачјето.
„Денес на трасата нема преостаната цевководна инфраструктура ниту над, ниту под земја“, соопшти Националниот парк.
Оттаму додаваат дека станува збор за значаен чекор кон враќање на Лешничката Долина во состојба што е можно поблиска до природната. Според нив, отстранувањето на инфраструктурата е резултат на подолг институционален процес и координација со надлежните државни институции.
Лешница е едно од природно највредните и најпрепознатливите подрачја во Националниот парк „Шар Планина“, а според Националниот парк е дел од идните подрачја „Натура 2000“ и од Емералд-мрежата.
Од Националниот парк најавуваат дека следен чекор е обновата на просторот и конечното институционално затворање на проектите.
„Чекор по чекор, Лешница ѝ ја враќаме на природата“, порачаа од Националниот парк „Шар Планина“.