Владата на денешната 7-ма седница го назначи заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, за следење и спроведување на новиот Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата. Воедно, на владината седница, членовите на Владата на РСМ, потпишаа Изјава за прифаќање на одредбите од Кодексот. Новиот Кодекс, не ги опфаќа само членовите на Владата, министрите, туку и сите други функционери назначени од Владата. Вклучувајќи ги и директорите на самостојни органи, директори и членови на одбори на јавни претпријатија, раководни лица во акционерски друштва во државна сопственост итн. Основната намена на Кодексот е обезбедување на отчетно и транспарентно работење на функционерите на извршната власт, односно градење на систем на интегритет и добро владеење.
Во прилог следуваат интегралните обраќања на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Потписот е нашата согласност дека ги прифаќаме сите највисоки етички принципи за заштитата на човековите слободи и права, при вршење на нашите функции и должности во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори, ратификувани согласно Уставот на Република Северна Македонија.
Со доследно придржување до Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, ќе ја оствариме неговата цел за јакнење на интегритетот на Владата на Република Северна Македонија, министерствата и другите органи на државната управа, како и на другите институции основани од Владата за да ја јакнеме довербата на граѓаните во нивната работа.
Прифаќањето на Кодексот е гаранција за граѓаните дека секој од нас ќе го даде својот личен придонес за издигнување на важноста на однесувањето на носителите на јавни функции придржувајќи се по принципите на добро управување на највисоко политичко ниво. Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, е обврска да го практикуваме она што го говориме, и јас искрено очекувам тоа најискрено и целосно да го прави токму овој состав на Владата.
Согласно одредбите од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носители на јавни функции именувани од страна на Владата, утврден од Владата на Република Северна Македонија го назначувам Љупчо Николовски, заменик на претседателот на Владата, задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, за одговорен за следење на спроведување на Кодексот“, истакна меѓу другото премиерот Зоран Заев.
Николовски пак меѓу другото истакна дека со овој Кодекс се отвора патот за градење на интегритет и добро управување, се сублимираат сите значајни правила на однесување и се олеснува одговорноста. Нема да се толерира нетранспарентно работење, неодговорност кон граѓаните, расипничко трошење“.