Пожар на странски товарен брод предизвика тешка несреќа во кинеското пристаниште Кингдао, додека пловилото било на поправка во бродоградилиште. Според првичните информации, во несреќата настрадале голем број луѓе, но точниот број на загинати и повредени засега не е соопштен.
Кинеската државна агенција „Синхуа“ објави дека пожарот избувнал околу 11:15 часот по локално време, додека бродот бил на одржување. На местото веднаш била започната акција за пребарување и спасување.
На несреќата реагирал и кинескиот претседател Си Џинпинг, кој наредил итно спроведување на сеопфатна спасувачка операција. Тој побарал и брза истрага за да се утврдат причините и околностите под кои избувнал пожарот.
Кинеските државни медиуми, повикувајќи се на информациите од надлежните служби, засега не објавуваат конечни податоци за бројот на жртвите. Истрагата и спасувачката операција продолжуваат.