Македонија сè уште е во шок по трагедијата во скопската населба Тафталиџе, во која мајка и нејзиното шестгодишно дете го загубија животот по пад од балкон. Настанот предизвика силни реакции во јавноста, а се огласија и повеќе јавни личности кои предупредија на сериозноста на семејното насилство и високата стапка на фемицид во државата.
Жанета Трајкоска
Млада мајка и девојче чиј живот уште не бил почнат и никогаш нема да почне.
Ако и овој случај помине така, во молк, а жената била жртва на семејно насилство и според некои медиуми, очевидци изјавиле дека се расправала со некого пред падот...ако и ова помине така - да ни е срам на сите до еден, на цела држава.
Доста е со оправдувања дека законот не дозволува повеќе - сменете го! Осудете насилници за промена на големи казни, заштитете ги жртвите!
Закони менувате за кој има интерес. За ова Македонија има интерес, сите ние!!
Лилјана Поповска
За ужасот во Тафталиџе: ДОСТА МУДРУВАЊА
"Доста со тоа семејно насилство, сегде го има..." Да, некаде по- малку, а кај нас МНОГУ ПОВЕЌЕ, во врвот сме со Балтичките земји, со кои само димензиите на државите и алкохолот ни се заеднички, онака на прва.
"Па еве, ги имаме сите закони..." Да, ама некој треба да ги спроведува........
Ана Јовковска
Македонија се наоѓа на трето место во Европа по стапката на фемициди!!!
Бројките се однесуваат на убиства извршени од интимни или поранешни партнери, што ги квалификува како фемициди или најекстремната форма на родово базирано насилство!!!
Oд 2019 до 2023 година се евидентирани околу 20 случаи на фемицид. Повеќето од жртвите се убиени од раката на сегашни или поранешни партнери или сопружници и тоа најчесто во нивните домови!!!
Во 2025 година, само во првите три месеци се евидентирани 391 нова жртва, од кои 284 биле жени, а 54 деца (податоци на Министерството за труд и социјална политика)!!!
Вистинската бројка е многу поголема! Многу жени не пријавуваат насилство поради страв од насилникот или недоверба во системот!!!, пишува Јовковска.
Каролина Гочева
„До кога ќе читаме вакви вести?!
Одговорност за сите кои замижале пред криците за помош на овие кутри мајка и дете! Длабоко сочувство до семејството...“
Драган Спасов Дац
Семејството треба да биде засолниште. Место каде што зборот лечи, а не повредува. Каде што рацете гушкаат, а не удираат. Семејното насилство не започнува со модринка. Започнува со навреда, со понижување, со тишина што боли. Со "извини" што премногу често се повторува.
Љубовта не е страв. Љубовта не е контрола. Љубовта не остава лузни ни на телото, ни на душата.
Да молчиш не значи дека си силен. Да трпиш не значи дека е нормално. Да побараш помош значи дека се сакаш себеси доволно за да ставиш крај.
Да ги учиме децата дека почитта е поважна од егото. Дека разговорот е посилен од викот. Дека домот е место на сигурност, а не на страв. Ако некој страда немој да вртиш глава.
Понекогаш една порака "Добро ли си?" може да спаси живот. Насилството не е приватна работа. Тоа е рана на целото општество. И лекувањето започнува со храброст, мора да се каже "ДОСТА!", напиша Драган Спасов Дац.
Снеже Велков
Една мајка денес не се разбуди за да го разбуди своето чедо за во школо. Не се разбуди ни тоа. За разлика од претходно кога можеби само се преправаше дека и се затворени очињата... Денес тие останаа затворени за секогаш... Едно општество веќе долго време е заспано. Ништо не го буди.