Претседателот на Владата Зоран Заев денеска имаше свое воведно обраќање на јубилејната 20 годишна конференција во организација на АД Македонска берза, на којашто се обратија и извршниот директор на АД Македонска берза, Иван Штериев и директорката на Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Нора Алити.
„Македонската берза и пазарот на капитал се важен дел од економското функционирање на нашата земја и улогата и функцијата што ги имаат за раст и развој на економијата и компаниите се исклучително важни. Државата е тука да гарантира и обезбеди пазарни, слободни и транспарентни услови и односи во економијата како и атрактивна бизнис клима со еднакви можности, пазарни услови и правила за компаниите. Во такви услови алокацијата на финансиските и економските ресурси и вишоци ќе се одвива по пазарни основи и по правила на саморегулација на пазарот преку понуда и побарувачка, што ќе резултира со зголемување на конкурентноста на компаниите и нивна поголема успешност во работењето, истакна премиерот Заев.

Тој додаде:
Транспарентноста на компаниите на берзата ги прави поатрактивни за домашните и странските инвеститори и влијае позитивно на нивното корпоративно управување што воедно има позитивни ефекти во квалитетот на расположливите финансиски инструменти на пазарот на капитал. Идниот развој на Берзата и на пазарот на капитал мора да бидат наша заедничка цел како важен сегмент кој придонесува за развој на економијата во целина, за јакнење на приватниот сектор и отворање на нови работни места. За таа цел дозволете ми да ги споделам со вас информациите дека Министерство за финансии неодамна отпочна со официјална котацијата на континуираните државни обврзници. Тоа е позитивен чекор чии импликации на среден и долг рок ќе ги почувствуваат сите заинтересирани страни – државата, инвеститорите и пазарот во целина, потенцираше Заев.
Премиерот додеде дека е формиран Совет за развој на пазарот на капитал со кој раководи Министерството за финансии и има за цел да ги согледа и канализира интересите на сите засегнати институции и субјекти поврзани со идниот развој на пазарот на капитал.
Последните информации за 2018 година се дека расте прометот на Македонската берза за 120 отсто во однос на 2017 што е уште една потврда дека сме на вистинскиот пат и дека се враќа довербата во македонската економија и расте оптимизмот на инвеститорите.
На самиот крај дозволете ми да посакам успешна дебата на денешната конференција којашто се одржува по 20 – ти пат во организација на Македонската берза на која ќе се отворат овие важни теми за дискусија кои од наша страна внимателно ќе бидат разгледани.