Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гер.
Доаѓате во исклучително значаен момент за нашата земја бидејќи по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, завртевме нов лист во својот развој и одлучивме да го надополниме загубеното време во исполнување на своите клучни цели.
Како што и веќе добро знаете, оваа година Северна Македонија исполни еден од своите стратешки приоритети, со зачленувањето во НАТО и во март доби зелено светло од Европскиот совет за почеток на преговорите за пристапување во Европската Унија.
Сега, во периодот пред нас, на ред е одлуката за почеток на преговорите да се материјализира во што поскоро усвојување на Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ и да се закаже првата Меѓувладина конференција помеѓу Европската Унија и Северна Македонија која ќе го означи конкретниот почеток на преговорите.
Во овој контекст би сакал да искажам благодарност до Европската комисија и до Европската служба за надворешни работи, институцијата од каде што претходно доаѓате, за сесрдната поддршка и сметам дека заедничките напори на германското претседателство со Советот на Европската Унија претставува одлична можност за реализација на зацртаната цел до крајот на годината, истакна меѓу другото претседателот Пендаровски.
Амбасадорот Гер пак истакна:
Ја преземам оваа функција во невообичаени околности. Доволно невообичаени во кои дури и традиционалното ракување е исклучено што вообичаено би ја крунисало оваа пригода. Доволно сериозни за да влијаат на нашето заедничко чувство на безбедност и да ја нарушат нашата слобода на движење. Но и доволно одлучувачки за да нè натераат да научиме вредни лекции за во иднина. За тоа како од состојба на ранливост да преминеме во состојба на обновена виталност.
Горд сум што стојам пред вас и ја застапувам ЕУ и нејзините вредности. Вредноста на мирот што ни овозможи да се обединиме и да напредуваме. Вредноста на солидарноста што ќе нè извлече од оваа пандемија. Вредноста на човечкото достоинство што нè обединува сите во различноста која можеме да ја славиме.
Минатиот март, Советот наЕвропската унија ја донесе историската одлука за отворање на преговори за членство со Северна Македонија. Ова се случи по значајните реформски достигнувања, тешките одлуки кои го потврдија избраниот правец на оваа земја. Сега сите можеме да го очекуваме официјалниот почеток на преговорите на Меѓувладината конференција.
Тоа ќе биде значајна пригода што ќе го потврди долгогодишниот став дека иднината на целиот овој регион e во ЕУ. Како што рече претседателката Фон дер Лајен во своето годишно обраќање минатата недела „Ние ја делиме истата историја, ја делиме истата судбина. Западен Балкан е дел од Европа - а не само попатно место на Патот на свилата“. Притоа, очекувам да работам со Вас, Ваша Екселенцијо, со парламентот, со владата, со опозицијата и со сите актери и сектори на општеството низ целата земја, кои мора да бидат во центарот на овој голем потфат за да може Северна Македонија да го заземе своето место како членка на Европската унија, истакна меѓу другото Гер.