Бугарската агенција за безбедност на храната потврди појава на антракс во сточарска фарма со 205 говеда во селото Стефаново, во областа Ловеч. Болеста лабораториски е потврдена на 26 август.
Сомнежот се појавил откако сопствениците на фармата, кои биле примени во здравствена установа, пријавиле симптоми. Еден од нив претходно забележал знаци на болест кај говедо, по што го заклал и месото го складирал во замрзнувач.
Фармата веднаш е ставена под карантин, а спроведена е дезинфекција на просторот, местото за колење и пасиштата. Месото е ставено под забрана, а животните се прегледани и засега се во добра општа состојба.
По потврдувањето на антраксот, наредена е вакцинација на подложните животни и попис на сточарските фарми во селото. Движењето на животните до пасишта и места за напојување е забрането до истекот на карантинот.
Надлежните служби секојдневно ја следат состојбата со животните во погоденото подрачје.