Наследникот на британскиот трон, принцот Чарлс, добил чанта со милион евра од катарскиот шеик, пишува Sunday Times.
Принцот од Велс, според Сандеј Тајмс, добил торба во која имало милион долари во кеш од контроверзен катарски политичар.
Според пишувањата, во периодот од 2011 до 2015 година, тој лично добил вкупно три милиони евра од шеикот Хамад бин Јасим бин Џабер ел Тани, поранешниот премиер на Катар, пренесе РТС.
Шеикот Хамад во една прилика му предал на принцот Чарлс милион евра кои наводно биле во чантата „Фортнум и Мејсон“ - станува збор за луксузна продавница која има кралско одобрение за продажба на кнежевски намирници и чај.
Во друга прилика, принцот Чарлс добил голема патна торба во која имало еден милион евра. Ова се случило за време на приватна средба во 2015 година во Кларенс Хаус, резиденцијата на принцот Чарлс.
Во соопштението на Кларенс Хаус се наведува дека донациите добиени од шеикот веднаш биле проследени во добротворни фондови и дека се почитувани сите процедури.
Донациите што ги примил принцот Чарлс беа во центарот на вниманието на јавноста во последните месеци по обвинувањата дека на саудиски донатор му било ветено британско државјанство. Во Кларенс Хаус рекоа дека принцот Чарлс не бил свесен за тоа.
Мајкл Фосет, извршниот директор на фондацијата, поднесе оставка во ноември, откако беше обвинет дека му понудил титула витез на милијардерот Махфуз Мареј Мубарак бин Махфуз во замена за добротворни донации.