Нови специјализирани возила за одржување на комуналната хигиена пристигнаа во Скопје, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ги промовираше новите возила.
Механизацијата е обезбедена преку проект реализиран со поддршка од Светска банка, а според Ѓорѓиевски, ќе придонесе за зајакнување на капацитетите за одржување на јавната хигиена и за побрзо и поефикасно собирање на отпадот.
„Сметот со години беше еден од најгорливите проблеми во Скопје. Уште од првиот ден кога ја презедов функцијата градоначалник, ветив дека нечистотијата, преполните контејнери и запуштените улици ќе станат минато. Денес зборот станува дело“, порача Ѓорѓиевски.
Тој најави дека Град Скопје со сопствени средства набавува и дополнителни специјализирани возила, како и повеќе од 3.300 нови контејнери, за кои постапката, како што информира, е во завршна фаза.
Според градоначалникот, обновувањето на механизацијата и опремата, заедно со подобрата организација, треба да овозможи почисти улици и подобри услови за граѓаните.
Ѓорѓиевски истакна дека одржувањето на чистотата на Скопје треба да биде секојдневна обврска, а не повремена акција.
Тој упати благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за поддршката, како и до Александар Николоски и Светска банка за придонесот во реализацијата на проектот.
„Повеќе не е прашањето дали можеме подобро. Подоброто веќе го создаваме и граѓаните секојдневно ќе го живеат. Зборот е збор. Скопје го правиме чист, достоинствен и повторно горд град“, порача Ѓорѓиевски.