Привременото примирје заврши. Политичарите полека се раздвижија во рововите, во кои беа залегнати во овие два месеци додека нацијата во страв следеше како тече војната против коронавирусот, не само овде туку и во целиот свет. За време на оваа политичка хибернација, партиските генерали испраќаа групи извидници да испитаат што се случува кај непријателските линии и тоа главно беше спорадична размена на оган. Со исфрлање по некоја граната. Некому му изгледа неочекувано, некому изнасилено, некому бесмислено, некому исправно барањето на 35 пратеници да се активира распуштеното Собрание за да ја потврди одлуката на претседателот Стево Пендаровски за прогласување на вонредна состојба. Но, и да расправа за уредбите на Владата, со кои можеби се кршат одредени права и слободи на граѓаните, објави dw.com.
Расправата која во неколку одредени мигови стана поважна од дневниот извештај за новоинфицираните, хоспитализираните, излечените и умрените лица на свој начин потврди дека политиката не сака подолго време да остане под површината на настаните. И дека, колку тоа и да звучи грубо, политичарите сакаат рефлекторите на сцената повторно да бидат насочени кон нив, а не кон здравствените професионалци, на кои сега најмногу им веруваат граѓаните. Нема тука ништо нелогично. Олеснувањето на рестрикциите не важи само за движењето на луѓето, тоа им ја подотвора вратата и на политичарите.
Главното прашање е зошто изгледа дека одредени политички групации одат против своите интереси кога е во прашање повторното свикување на парламентот. Објаснувањата може да изгледаат нелогични, но можеби и има систем во тоа. Прво, која е политичката корист на СДСМ да бара пратениците да се вратат во клупите? Дали со тоа изборите може да се одржат не наесен, туку некаде пред почетокот на летото? Ако СДСМ ги зема за важни репери двете анкети на двата независни американски институти направени пред почетокот на корона кризата – на ИРИ и НДИ – во кои тој има мала предност, социјалдемократите би сакале изборите да се одржат што е можно побрзо пред економската рецесија, што неизбежно ќе следи (како и во сите земји до една во Европа), да не биде главна тема во некоја подоцнежна кампања. Доколку Собранието продолжи со работа тогаш сите изборни рокови паѓаат во вода, ќе треба да се одредуваат нови. Во овој момент важат само изборните листи доставени до ДИК и распоредот на ливчето, објави dw.com.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ самата се стави во нерешлива ситуација. Големо прашање е зошто опозицијата не би сакала да ја искористи собраниската говорница за критикување на мерките на Владата и здравствените власти во борбата со коронавирусот, наместо да испраќаат по неколку соопштенија на ден кои веќе речиси никој не ги пренесува. А во нив да изнесуваат тврдења кои малку резонираат со расположението на јавноста (анкетата на емисијата „Детектор“, која покажа поддршка од 82 отсто за Венко Филипче, најдобро го отсликува тоа). Во времето кога населението седи дома повторното свикување на парламентот би им дало можност за подобро калибрирање на ставовите преку преносите на телевизија и да се обиде да поврати дел од наративот. Но, ВМРО-ДПМНЕ не сака да го калибрира тој наратив преку парламентот, пишува dw.com.