„На Калето е закопана историјата на Скопје, и ако дозволиме да се гради врз него, ја покриваме сопствената историја“. Со оваа парола, неколку илјади граѓани, предводени од архитектот Живко Поповски, во 2004 година потпишуваа петиција против изградбата на американската амбасада на ридот кај тврдината, на еден километар северно од нејзините ѕидини, објави Призма.
Денес, 17 години подоцна, десетпати поблиску до бедемите на вредниот историски споменик од прва категорија се градат нови објекти. Направени се во последниве четири-пет години, а нивната изградба не алармираше никого. Има нов хотел и нови приватни куќи на сопственици што се доселиле од други места, како и стари објекти во кои живеат неколку староседелски семејства.
Детален урбанистички план сѐ уште нема, па за новите градби се користеле алтернативни законски механизми, како легализација на дивоградби, реновирање и адаптација на постојни објекти и слично.
Истражување на БИРН открива како бавноста на институциите задолжени за заштитата на културното наследство, нивната заплетканост во бирократски процедури, како и недоволниот интерес, овозможи, во чувствителната зона околу овој значаен, но де факто заборавен споменик на културата, да почнат да никнуваат приватни комерцијални објекти.
Катастарските документи покажуваат дека повеќето поранешни сопственици ги легализирале своите имоти меѓу 2014 и 2016 година. Со легализациите не било опфатено само тоа што порано го имале како бараки, туку и тоа што во меѓувреме го доградувале, па така некои единици се зголемиле од 19 на 30 квадрати, од 52 на 80 квадрати итн. Заедно се собрале 270, колку што изнесува и основата на хотелот. Во документите сѐ уште стои дека има еден кат, но тој има и поткровје.
Новиот детален урбанистички план што се подготвува за тоа место е во фаза во која планерската куќа собира податоци за да подготви предлог-план. Тоа е осмиот од вкупно 20 чекори во донесувањето на еден ДУП. Градоначалникот на Центар, Богдановиќ објаснува дека тој ќе мора да биде усогласен со генералниот план и целиот простор ќе биде обележан како зеленило. Таму нема да може да се вцртаат градежни парцели, па без оглед на легализирањето, сопствениците нема да можат да си ги откупат земјиштата.
Од друга страна, нема да може да се урнат, па ќе останат да висат како градби без земја.
Текстот во целост на: Призма.
фото: Призма.