Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски.
Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда.
Тие му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта. Откако им ја покажал неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите, нанесувајќи му тешки телесни повред, од што паднал во кома.
Од здобиените повреди Саздовски на 9 јули годинава почина на КАРИЛ во клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Основното јавно обвинителство Скопје изврши преквалификација на кривичното дело за смртта на Саздовски, откако првичната квалификација наиде на бурни реакции од јавноста. Па така наместо за кривично дело „насилство“ против тројцата осомничени се води истражна постапка за кривично дело „убиство извршено на свиреп начин“.
Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот, распишана е домашна и меѓународна потерница.