Трката за кандидатурата за градоначалник на Скопје полека се заострува, особено во редовите на СДСМ, каде сѐ уште не е донесена конечна одлука, но неколку имиња веќе добиваат на тежина.
Како најсериозни потенцијални кандидати се споменуваат Каја Шукова, актуелна потпретседателка на партијата и поранешна министерка за животна средина, како и Ѓорѓи Галетановски, претседател на градската организација на СДСМ и поранешен директор на Зоолошката градина во Скопје. Двајцата веќе неформално добиваат поддршка од различни партиски струи. Во телевизиски настапи тие навестија дека сакаат да се видат на таа функција.
Мишко Ралев, кој важеше за речиси сигурен избор и фаворит во првичните калкулации, според партиски извори, најверојатно се отпиша од натамошна процедура. Од извори во СДСМ, неофицијално „Скопје1“ дознава дека Ралев имал кандидатура од општински организации, па според тоа морал да поднесе и биографија до партијата.
Во трката е споменуван и Андреј Жерновски, поранешен градоначалник на Центар.
За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ веќе ја формализираше кандидатурата – актуелниот градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, ќе ја брани партиската боја во главниот град. Со таа одлука, партијата доби временска предност за теренска подготовка и почеток на кампањата, иако Ѓорѓиевски кампањата ја почна уште многу претходно.
Според партиски извори од СДСМ, конечната одлука за скопскиот кандидат се очекува до крајот на наредната недела.
Изборите за Град Скопје, по се изгледа, ќе бидат една од најжестоките битки есенва.