Интервју со Проф. Д-р Александар Иванов –„ Македонски концепт“, – Кандидат за листа на пратеници за ИЕ 2.
Проф. Д-р Александар Иванов е роден во 1986 година во Скопје. Средното образование го завршува во ДСЕПУ „Васил Антевски – Дрен“ во Скопје. Во 2005/06 година се запишува на Полициската академија во Скопје, дипломира со просек 9,66 и во 2008 година се стекнува со звање Дипломиран криминалист.
Во учебната 2008/09 година се запишува на после-дипломските студии на Полициската академија (сегашен Факултет за безбедност). После-дипломските студии ги завршува со просек 9,33, а во мај 2011 година магистрира стекнувајќи се со звање магистер на науки од област на криминологија и криминалистика.
Во 2013 Александар Иванов успешно го брани докторскиот труд стекнувајќи се со научен степен доктор на науки од областа на безбедноста.
Покрај наставно-образовниот процес д- р Александар Иванов активно бил вклучен во научно-истражувачкиот процес при што учествувал како истражувач на повеќе домашни и меѓународни истражувања. Исто така д-р Александар Иванов во текот на неговото стручно и научно усовршување посетувал и активно се вклучувал во повеќе проекти, работилници, учествувал со свое учество и излагање на домашни и меѓународни конференции.
Во 2019 г. Иванов е избран за вонреден професор на Факултетот за безбедност-Скопје, каде и денес работи.
ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?
Проф. Д-р Александар Иванов: Погледот кон иднината, наместо кон минатото. Широкото разбирање за позициите во меѓународните односи и меѓународната политика. Оригиналниот концепт кој подразбира разбирање, помирување и соработка наместо создавање антагонизми.
ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?
Проф. Д-р Александар Иванов: Активизмот никогаш не ми бил туѓ. Прашањата кои се од заедничко значење за луѓето секогаш ми бил од интерес. Сепак, ова е мој прв сериозен политички ангажман.
ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?
Проф. Д-р Александар Иванов: Промена на менталниот склоп, што во основа подразбира многу повеќе работа од сите, како и одговорност за она што го правиме. Разбирање на политичкиот ангажман како одговорност за создавање на заеднички добра, наместо лични, суетни и егоцентрични цели.
ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?
Проф. Д-р Александар Иванов: Развивање на општество каде ќе преовладува дебатна, рационална размена на аргументи кога треба да се донесат одлуки, како и лична жртва за остварување на поголеми добра.
ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?
Проф. Д-р Александар Иванов: Сметам дека погоре наведените аргументи во моментот најмногу преовладуваат во MK концепт. Се друго е чист и гол антагонизам, по секоја цена на политичката сцена.
ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?
Проф. Д-р Александар Иванов: Со личен пример за горенаведените аргументи и размислувања.
ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?
Проф. Д-р Александар Иванов: Работа и одговорност.
ПОЛИТИКА: Зошто проекти?
Проф. Д-р Александар Иванов: Само така може да се следат процесите, дали воопшто имаме напредок или само политички поентираме, на име на дневно политички маркетинг, колку да се биде присутен.
ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.
Проф. Д-р Александар Иванов: Држава во која младите, но и возрасните повторно ќе имаат надеж за развој, можност за иднина. Држава во која образовниот, здравствениот систем, социјалниот систем ќе бидат функционални обезбедувајќи ги функциите за кои се основани. Се повеќе деца згрижени во градинка, развој на земјоделието, премин кон дигитално општество со сите придобивки. Значително намалена корупција, невработеност под 15%, и секако за 30% повисока просечна плата. Намалување на јазот помеѓу исклучително богатите и исклучително сиромашните.
фото: Македонски концепт