Интервју со Проф.д-р. Војо Беловски – Македонски Концепт – Кандидат и Носител на изборна листа на пратеници за ИЕ 3
Проф.д-р. Војо Беловски, е редовен професор на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Роден на 04.04.1955 г. во с. Владимирово – Беровско, Република Македонија. Има завршено високо образование на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“- Правен факултет, од каде се стекнува со титулата дипломиран правник, а каде подоцна завршува и магистерски студии и докторира на катедрата на правни науки, со докторска дисертација на тема: „Менаџментот во трговските друштва на капиталот“.
Во 2007 година успешно го полага стручниот испит за застапници при Државниот завод за индустриска сопственост на Р. М. и се стекнува со право на застапник на странски компании за заштита на правата од индустриска сопственост.
Од 1981-1988 бил на повеќе раководни функции, посебно како Раководител на служба за нормативни кадри и општи работи во ЗОИЛ – Македонија, Скопје (QBE – Македонија).
Во 2008 година е избран за наставник – доцент на Првиот приватен универзитет „Европскиот универзитет“ – Скопје, и ги предава следните предмети: Стварно право; Административно право; Административни процедури, Меѓународно договорно право, Трговско право, на Правниот факултет и на Економскиот факултет. Бил ментор и на Деловно право на Постдипломските студии, на предметот Меѓународни трговски договори и раководител на Вториот циклус.
Во 2008 година е избран за насловен доцент на Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, по предметот Трудово право.
Во 2010 година е избран за продекан за настава на Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.
Во 2013 година е избран за Вонреден професор при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, на Правниот факултет.
Во 2018 година е избран за редовен професор
Во изминатиот период од 2008 – 2020 година тој изведува наставата по предметите: На прв циклус на сите насоки–модули на Правниот факултет: Административно право; Трговско право; Стварно право; Трудово право; Облигационо право, Семејно право; Наследно право; Граѓанско право – општ дел; Граѓанско процесно право; Граѓанско право- применета програма, Авторско право, Запишување права на недвижност и др.
На втор циклус ги предава следните предмети; Запишување на права на недвижност; Локална самоуправа; Административно право – применета програма; Управно процесно право; Граѓанско право – применета програма; Даночно и царинско право; Право на осигурување, Авторско право и сродни права и Меѓународно Трудово право, Европско трудово право и Европско Граѓанско процесно право. Од научно – истражувачката дејност (по неговиот избор за доцент) во периодот од 2008-2020 година, објавува значаен број трудови (монографии), авторизирани предавања (скрипти), учебници, практикуми и стручни трудови и учествува на меѓународни конференции. Авторот има објавено повеќе од 58 пеесет и осум трудови (само по докторирањето) и монографии во домашни и меѓународни стручни списанија, пред сѐ од областа на Трудовото право, Стварното право, Трговското право и менаџментот.
Проф.д-р. Војо Беловски бил и раководител на проектот: Кадровскиот капацитет, потребите и развојните потенцијали на малите и средни бизниси во источниот регион базирани на знаење.
ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?
Проф.д-р. Војо Беловски: Чувството повеќе да не се биде пасивен. Крајно е време да се делува чесно и професионално против неправдите, криминалот, непотизмот и другите девијантни појави. Желбата да придонесам со моите долгорочни теоретски и практични искуства (пред сѐ од областа на правото) за унапредување на демократските процеси. Доста беше! Време е за нови и свежи алтернативи! Народот е заситен од исти, нестручни и нечесни ликови и фаци во политиката.
ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?
Проф.д-р. Војо Беловски Да, овој е мој прв озбилен општествен (да не речам политички) ангажман.
ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?
Проф.д-р. Војо Беловски: Владеење на правото (правна држава), чесни лидери и претставници на власта, нулта корупција, забрана на секој облик на дискриминација, еднакви услови за стопанисување, без никакви привилегии на субјекти и поединци блиски до власта.
ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?
Проф.д-р. Војо Беловски: Покрај главните столбови: економија, здравство, владеење на правото, потребно е да се негуваат: основните слободи и права на човекот и граѓаните признати со меѓународното право и утврдени со Уставот; слободното изразување на националната припадност; правната заштита на сопственоста; слободата на пазарот и претприемништвото; хуманизмот и социјалната правда и солидарноста – како темелни вредности на уставниот поредок. Да не ја заборавиме, заштитата на животната средина, намалувањето на загаденоста, и тоа во функција и фокус кон граѓаните, а контролирана преку воведување на строги законски санкции и принципи на општествено корисна работа, (поголем број елеци за чистење).
ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?
Проф.д-р. Војо Беловски: Нормална држава, чесност, нулта корупција. Концепт кој што ќе наликува на западната демократија, посебно на онаа во скандинавските земји. Таму има сѐ што ни треба, само треба добро да се препише и имплементира. Едукација на младите и промена на психологијата на луѓето за нивно полесно адаптирање на демократските промени…
ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?
Проф.д-р. Војо Беловски: Со мојата компетентност и стручност, пред сѐ од областа на правото, со сите мои психофизички способности, при што активно ќе се вклучам во сите процеси за подобрување на правната регулатива која со својата воопштеност, непрецизност и недореченост, сега и во минатото создаваше големи проблеми на сите институции и граѓаните при имплементацијата на правните норми и остварување на правата.
ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?
Проф.д-р. Војо Беловски: Да профункционира системот, според погоре изнесеното, преку почитување на демократските принципи, а што ќе доликува на нормална држава. Држава, каква што заслужува секој поединец во општеството, без стихијно и незаслужено стекнување на привилегии и погодности. Никој да нема привилегиран статус, независно од пол, вера, партиска припадност, националност, имотна состојба и други разлики. Сите се еднакви пред законот!
Да се исчисти државата од корумпираната администрација, партизираната во судска структура и другите дејности, или барем истата да се сведе на минимално подносливи граници.
Нормално, потребна е стабилна економија, земјоделие, здравство, образование, култура, спорт. Потребно е негување на сите сфери на општественото живеење.
Со тоа ќе се создадат услови за вработување, спречување на иселувањето на младите и доволни услови и мотив за нивно враќање.
Заработувачка, (плати), која ќе ги задоволува нужните лични и егзистенционални потреби, не само материјални туку и духовни.
ПОЛИТИКА: Зошто проекти?
Проф.д-р. Војо Беловски: За да не се лута во неизвесност. Да се предвидат сите ризици, неизвесности, но и да се одредат цели и рокови. Да проникнеме во иднината и да не робуваме на сегашноста и минатото.
ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.
Проф.д-р. Војо Беловски: Да се надеваме дека Македонија постепено ќе стане место за пристојно и достојно живеење, со внатрешна и меѓународна стабилност, благосостојба и поквалитетен живот на сите граѓани.
Ќе завладее правото (правна држава), со чесни лидери и претставници на власта, нулта (или минимална) корупција, забрана на секој облик на дискриминација, меритократија – “власт на најзаслужните”, во која членовите не се сметаат за “најдобри” довека, туку мораат постојано да се докажуваат и коригираат за да останат на своите позиции.
Земја со чиста животна околина, намалена невработеност, поголема куповна моќ на населението. Земја со целосно реализиран попис на своето население.
фото: Македонски концепт