Обидот на данската премиерка Мете Фредериксен да формира нова владејачка коалиција пропадна, откако еден клучен партнер се повлече од преговорите, со што се доведува во прашање нејзиниот трет последователен мандат по изборите во март.
Преговорите за коалиција на левиот центар во изминатите недели беа во застој, што дополнително го забави процесот на носење одлуки, во време кога Данска се соочува и со предизвици во односите со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп околу Гренланд.
По прекинот на разговорите, данскиот крал Фредерик сега треба да му додели мандат за формирање влада на еден од 11-те партиски лидери, а меѓу можностите е и повторно да ѝ го довери мандатот на Фредериксен.
Лидерот на партијата „Умерени“, Ларс Локе Расмусен, ги прекина преговорите и предложи нови разговори да води лидерот на Либералната партија, Троелс Лунд Поулсен, кој би можел да се обиде да формира влада на десниот центар.
Социјалдемократите на Фредериксен, кои се на власт од 2019 година, освоија 38 пратенички места, што е нивен најслаб резултат од 1903 година, значително помалку од 50-те места освоени на изборите во 2022 година.