Британската финансиско-технолошка компанија Revolut потврди дека чувствителни лични податоци на дел од нејзините клиенти биле откриени на неовластена трета страна, откако компанијата примила лажни барања за информации испратени од легитимна е-пошта на една владина агенција.
Според известувањето испратено до засегнатите корисници, откриените информации можеле да вклучуваат име и други податоци за идентификација, датум на раѓање, домашна и електронска адреса, телефонски број, како и копии од пасоши и возачки дозволи.
Во одредени случаи меѓу изложените податоци можеле да бидат и селфи-фотографии користени за верификација, изводи од сметки и историја на трансакции.
Од Revolut за TechCrunch потврдиле дека е засегнат ограничен број клиенти, но не ја соопштиле точната бројка. Компанијата не открила ниту дали инцидентот е ограничен на одредена држава или пазар, ниту која владина агенција била злоупотребена при измамата.
„Revolut неодамна идентификуваше софистицирана измама со лажно претставување, при која неовластена трета страна користела легитимна е-пошта од домен на владина агенција за поднесување лажни барања за информации“, соопштиле од компанијата.
Откако измамата била откриена, Revolut ја блокирал спорната е-пошта и ги известил владината агенција, полицијата и надлежните регулатори.
Од компанијата нагласуваат дека нивните системи не биле компромитирани и дека средствата на клиентите не биле погодени од инцидентот.
Revolut има повеќе од 80 милиони клиенти ширум светот и работи како банка во повеќе од 30 држави. Во изминатиот период компанијата го проширува работењето на повеќе пазари, меѓу кои Индија, Мексико, Франција и Обединетите Арапски Емирати.
Информацијата за известувањето што Revolut им го испратил на засегнатите клиенти првично ја објавил истражувачот за крипто-безбедност познат како ZachXBT, кој навел дека според достапните информации инцидентот можеби бил насочен кон корисници со висока вредност на имотот.
Безбедносниот инцидент доаѓа во период кога Revolut, според медиумските информации, разгледува излегување на берза кое би можело да ја процени компанијата на околу 200 милијарди долари.