Турските власти привеле 26 лица и извршиле претреси во просториите на шест ЛГБТИ+ здруженија во рамките на истрага за проституција и непристојни содржини, соопшти Обвинителството во Истанбул.
Операциите биле спроведени во текот на викендот во 12 покраини, а биле насочени против вкупно 38 осомничени лица. При претресите полицијата запленила дрога, дигитална опрема, шверцуван алкохол и огнено оружје.
Здружението „Каос ГЛ“ од Анкара, сепак, тврди дека биле приведени најмалку 50 активисти, што е значително повеќе од официјалната бројка објавена од Обвинителството. Според здружението, повеќе од десет лица биле приведени при полициски претреси во нивните домови.
Од „Каос ГЛ“ наведуваат и дека властите го блокирале пристапот до десетици интернет-страници и профили на социјалните мрежи поврзани со ЛГБТИ+ организации, активисти и борци за човекови права.
Операцијата, наречена „Моето семејство е безбедно“, се спроведува паралелно со иницијативата „Деценија на семејството и населението“ на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Според турските власти, иницијативата треба да придонесе во справувањето со намалувањето на наталитетот и стареењето на населението.
Организациите за човекови права предупредуваат дека турската Влада во последните години го зголемува притисокот врз ЛГБТИ+ заедницата преку остри изјави и нови ограничувања.
„Вистинското име на операцијата не е ‘Моето семејство е безбедно’. Тоа е дискриминација предводена од државата, политика на страв и уништување на граѓанското општество“, соопшти Турското здружение за човекови права.
Обвинителството тврди дека собраните докази покажуваат несоодветно влијание врз деца и малолетници во врска со сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
Турскиот министер за правда Акин Ѓурлек изјави дека истрагите опфаќаат судски постапки против 162 осомничени лица, девет здруженија и 13 компании во 15 покраини. Постапките ги координираат обвинителствата во Истанбул, Анкара, Измир, Ајдин и Мерсин.