Утре РК Вардар го пречекува Нант во салата „Јане Сандански“, во натпревар кој со нетрпение го очекуваат црвено-црните навивачи. Пред почетокот на средбата, за фановите на Вардар ќе биде организирана голема фан-зона на платото пред салата.
Загревањето започнува два часа пред натпреварот, во 16:45 часот, со богата програма, музика, забава, пијалаци и активности за сите навивачи.
Во чест на 35 години од независноста на Македонија, целата музичка програма во фан-зоната ќе биде посветена на македонската музика. Со песна и забава, навивачите заедно ќе го најават натпреварот, кој го чекаа цели пет години.
Во фан-зоната Вардарци ќе имаат можност да се дружат со играчите на Вардар кои нема да настапат на натпреварот, како и со помладите категории на клубот, кои се иднината на црвено-црното семејство.
Посебно внимание ќе привлечат двата највредни трофеи во историјата на Вардар – пехарите од Лигата на шампионите, освоени во 2017 и 2019 година. Навивачите ќе можат да се фотографираат со трофеите.
Натпреварот против Нант е избран од ЕХФ меѓу средбите кои ќе бидат посебно следени и промовирани преку каналите на Европската ракометна федерација. Токму затоа, Вардарци утре ќе имаат уште една можност да ја покажат препознатливата црвено-црна атмосфера од Скопје пред цела ракометна Европа.