Рапиден раст на бројот на гласачи во вториот круг од локалните избори се бележи во Скопје. Во апсолутни бројки, во главниот град на државата, до 13 часот гласале 110 543 избирачи, за разлика од првиот изборен круг кога на гласачките места во истиот период излегле 88 240 гласачи.
Според податоците, најмотивирани се гласачите во Карпош. Бројката таму е поголема за 4 788, односно во одлучувачката трка за оваа градоначалник на оваа скопска општина и за градоначалник на Скопје, до 13 часот гласале 16 116 избирачи, за разлика од првиот круг во кој на избори во овој период излегле 11 328 гласачи.
Повеќе од 4 000 гласа во кутиите во однос на првиот круг има и во Аеродром а над 3 000 е разликата во овој круг во споредба со првиот и во Центар и во Кисела Вода. Во Аеродром и во Кисела Вода се гласа само за избор на градоначалник на Скопје.
Ист е случајот и со Ѓорче Петров и Бутел, каде изборите за градоначалници на општината се завршени, но 17 298 се решиле да учествуваат со својот глас да решат кој ќе го предводи Град Скопје. Во првиот круг, до 13 часот гласале 15 152 избирачи.