Кога Драги Рашковски во 2017 година беше избран за генерален секретар на Владата, и покрај бурните реакции, со своите 33-години, беше претставен како човек од професорската фела и иноватор. Функцијата му заврши откако самиот поднесе оставка, но премиерот Зоран Заев не се откажа од својот сограѓанин и човек од доверба, па го назначи за секретар задолжен за мониторинг на реализацијата на владината програма и стратегиските проекти, објави Фокус.
Рашковски од самиот почеток на политичката кариера го следат бројни скандали, кои отворија сомнежи за злоупотреба на моќ, но засега тој успеа да излезе како победник од две афери, кои се врзуваа со неговото име. Сега е исправен пред нова афера, за набавка на софтвер, но, како и претходно, и сега повторно зад него застана премиерот Заев. Во улога на адвокат, Заев, истакна дека случајот е чист како солза.
Летото 2019 година, опозицијата го обвини Рашковски дека е вмешан во тендерска афера за набавка на радарски систем за летање за потребите на Македонска навигација (М-НАВ), откако беше објавен аудиоразговор со транскрипт во јавноста.
Опозицијата го обвини дека интервенирал во јавна набавка за која нема ингеренции, по што од ВМРО-ДПМНЕ до обвинителството поднесоа кривична пријава, а, како што велеа, и докази за негова наводна вмешаност во местење тендер за опрема за „Македонска навигација“ (М-НАВ) тој да го добие италијанската компанија „Леонардо“. Аферата тежеше 7 милиони евра.
Но, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција не утврдиле ништо спорно.
„Постапувајќи по предметот во врска со правното лице М-НАВ, надлежен јавен обвинител утврди дека правното лице М – НАВ АД Скопје склучило Договор за заем без државна гаранција со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а не постапка за јавна набавка за набавување на АТМ систем. Проектот е во тек и не се изминати предвидените рокови за реализација, велат од Обвинителството за „Фокус“.
Иако за обвинителството овој случај е затворен, сепак, тоа не важи и за Антикорупциската комисија. Таму сѐ уште се истражува овој предмет.
Според претседателката на ДКСК, предметот за Рашковски поврзан со набавката M-НАВ сѐ уште е отворен и e oбработен вo голем дел, односно 90 отсто е завршен.
–Недовршените работи што ни останаа поради променетиот начин на работа во време на здравствена криза, во најскоро време ќе се завршат, пo што резултатите ќе ги соопштиме во јавноста“, вели претседателката Билјана Ивановска.
Засега, е неизвесно дали Антикорупциска ќе одлучи исто како и Обвинителството, или пак, можеби ќе му утврди вина на Рашковски.
Тектот во целост на: Фокус.