СВР Битола, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против четири лица поради сомнение за измами со лажни сообраќајни несреќи, со кои се стекнале со противправна имотна корист од околу 3.700.000 денари.
Кривичната пријава е поднесена против В.П. (40) од селото Стење, ресенско, Г.М. (54) со престој во Скопје, едно непознато лице и В.М. (51) од Охрид. Прво, второ и третопријавениот се товарат за кривично дело „измама“ по член 247 од Кривичниот законик, додека четвртопријавената се сомничи за „помагање“ во врска со истото дело.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 5 февруари 2026 година на улицата „Маврово“ во Битола, тројцата осомничени со лажно прикажување факти довеле во заблуда 72-годишна жена, претставувајќи се дека нејзината снаа е тешко повредена и дека се потребни пари и злато за операција. Оштетената му предала златен накит на првопријавениот, кој потоа ги предал предметите на второпријавениот, при што била причинета штета од околу 40.000 денари.
Само еден ден подоцна, на 6 февруари 2026 година, кај Саат-кулата во Битола, на ист начин биле измамени 76-годишна жена и нејзиниот сопруг, од кои биле одземени околу 430.000 денари.
Во периодот од ноември 2025 до 21 февруари 2026 година, второпријавениот и четвртопријавената ги пренесувале и предавале паричните средства стекнати со измами во Република Бугарија, односно во Софија, на третопријавениот, при што дел од средствата задржувале за себе.
Со измамите извршени во повеќе градови низ државата, осомничените се стекнале со противправна имотна корист од околу 3,7 милиони денари.
Судија на претходна постапка при Основниот суд Битола му одредил мерка притвор во траење од осум дена на Г.М., додека првопријавениот веќе издржува мерка притвор.