Разрешената директорка на Гимназијата во Демир Хисар, Маја Лозановска, денеска се појави на информативен разговор во демирхисарската полициска станица. Таа беше разрешена на 4 август по одлука на градоначалникот, и по налог на Просветниот инспекторат, поради утврдени неправилности во работењето.
Од МВР соопштија дека против Лозановска имало пријава и постоеле основи за сомневање за кривично дело „одземање печат и службени документи“. На 8 август, полицијата изврши претрес во нејзиниот дом во потрага по печатот на училиштето, во период кога таа била на боледување. Поради изјавата на полицискиот началник дека и на носилки ќе ја донесе на разговор, иако имало налог само за претрес, МВР покрена дисциплинска постапка против него.
Постојат и информации дека пред претресот било извршено обивање на училишните простории, за што Лозановска побарала да се изврши увид со полициска придружба.