Fridays For Future Skopje со неверување ги прими информациите дека директорите на средните училишта вршат притисок врз учениците да не ја бојкотираат наставата во петок како што најавија, и да не учествуваат во Маршот за нашите животи, организиран од нашето движење и над 30 сојузници во коалицијата Зелен Фронт.
Додека во остатокот од Европа, образовните институции ги охрабруваат младите да учествуваат во климатските штрајкови во петок, на тој начин развивајќи ја свеста за климатските промени, кај нас ниту еколошката вонредна состојба и незапаметената криза со аерозагадувањето не е доволна причина кадарот да се солидаризира со нивните деца, чиј единствен грев е што бараат да дишат чист воздух.
Ова однесување на директорите е срамно. Не сакаме да шпекулираме дали тоа е резултат на личен простотилак или партиски инструкции, меѓутоа без сомнение е само уште една индикација за тоа колку е расипан образовниот систем во Македонија, каде приоритетите во развивањето на личноста се целосно испревртени.
Ги повикуваме младите да не потклекнат под овие закани. За исполнување на обврските потребно е да бидат исполнети правата, а чиста животна средина е ваше основно човеково право. Вие сте надежта дека оваа држава конечно некогаш ќе профункционира, а Маршот во петок во 17 часот пред Министерството за животна средина е за вас и за вашата иднина. Вие сте тие кои ќе ја донесат Зелената револуција која ни е толку потребна. Канализирајте го вашиот младешки револт заедно со нас утре, и изборете се за вашите права. Fridays For Future Skopje е на располагање во секое време да ви помогне на било кој начин во таа борба.
фото: Архива