По денешното укинување на полицискиот час, од утре почнуваат со работа угостителските објекти кои имаат летни тeраси. Работното време ќе биде до 20 часот. Притоа ќе мора да се почитуваат препораките за дистанца и за носење заштитна опрема. Mинистерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека на една маса во угостителски објект можат да седат до четири лица.
„Ќе ја следиме ситуацијата и ако се почитуваат протоколите, ќе се реализира и третата фаза за отворање на објектите и во затворениот простор во објектите. Според протоколите на Комисијата, на една маса најмногу ќе можат да седат четири лица, а ќе нема никакво ограничување дека тие треба да се членови од исто семејство“, рече Бектеши.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, пак најави засилени контроли дали се почитуваат протоколите за работа во објектите кои од утре почнуваат со работа.
„Протоколот за работа на сите објекти кои што со одлуки на Владата ќе можат да работат, ги носи Комисијата за заразни болести и тие треба да се почитуваат од страна на правните лица. МВР имаше и оперативна координација на која што ги разгледавме идните модуси на дејствување на полицијата, при што во наредниот период ќе бидат зајакнати контролите од страна на Министерството за внатрешни работи во однос на почитување на препораките на Владата за задолжително носење на лична заштитна опрема и држење на дистанца, односно забрана за групирање, со оглед дека веќе нема ограничување на движење и пунктови на полицијата. Во однос на контролата на угостителските објекти, МВР во соработка со инспекциските служби ќе изврши контрола на нивното работење во зголемен обем“, рече Чулев.
фото: Архива