Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, во гостување во емисијата „Анализа“ на телевизија 24 изјави дека оваа година нема да има предвремени парламентарни избори и дека следните редовни избори се планирани за 2028 година.
Тој нагласи дека фокусот на власта во овој период е насочен кон спроведување на реформската агенда, евроинтеграциите и реализација на ветените проекти пред граѓаните.
Според Ристески, Владата е во фаза на исполнување на обврските преземени пред граѓаните и европските партнери, при што посочи дека реформскиот процес има приоритет пред изборни циклуси.
Тој додаде дека во изминатиот период се реализирани дел од ветените мерки, меѓу кои зголемувања на пензиите, договори со синдикати во здравството и образованието, како и инфраструктурни проекти низ државата.
Ристески истакна дека Владата останува посветена на економски и инфраструктурен развој, како и на продолжување на процесот на европска интеграција, оценувајќи дека тоа се клучните приоритети во тековниот мандат.