Поради службено отсуство на обвинетиот Ејуп Алими, рочиштето за предметот „Титаник 3″ е одложено за 13 септември.
Судијката Марија Клетничка го прочита оправдувањето за отсуството на пратеникот испратено од Собранието, но истакна дека денешниот датум бил договорен во согласност на обвинетиот пратеник.
-Непосредно пред денешното закажено рочиште е доставено известување од Собранието, потпишано од претседателот, со кое се известува судот дека Алими во својство на пратеник и координатор на пратеничката група на ДУИ учествува на редовните координативни средби во Собранието, кои се одржуваат секој понеделник, рече судијката.
Клетничка рече дека и минатото рочиште се одржало во ден понеделник. Нагласи дека за наредното рочиште на кое се закажани завршни збирови присуството е задолжително, а доколку некој не присуствува ќе бидат преземени дополнителни мерки.
Во „Титаник 3″ обвинети се Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ, кои се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.