„Денес е 29-ти, а многу мајки сè уште немаме исплата. Прашање е дали до крај на месец ќе добиеме, кога останува уште еден работен ден“ – ова е реалноста со која, според сведоштвата, се соочуваат бројни родилки во земјава, кои со месеци чекаат на исплата на породилното отсуство.
Марија Јованоска во допис до нашата редакција укажува дека проблемот не е изолиран, туку се повторува секој месец, при што мајките се оставени без јасен одговор кога ќе ги добијат средствата.
„Ѕвониме во фонд, од таму ни велат чекајте денес, чекајте утре, чекајте оваа недела. И така секој месец. Но дали некој се запрашал дали нашите бебиња може да чекаат?“, прашува таа.
Таа нагласува дека дел од семејствата директно зависат од овие средства, но дури и кога тоа не е случај, станува збор за законско право, а не за добра волја.
Дополнителен револт предизвикува, како што наведува, нерамномерната исплата. Додека дел од мајките веќе ги добиле средствата, други остануваат без никаква информација кога ќе им бидат исплатени.
„По кој принцип се прави ова? Кој одлучува кој кога ќе добие? Што сме ние помалку од тие мајки што земале на 20 април?“, се вели во реакцијата.
Во јавноста се поставува и поширокото прашање – како државата очекува зголемување на наталитетот, ако мајките не можат да сметаат ниту на редовна исплата на веќе загарантирани права.
„Породилното не е ничија добра волја, туку наше законско право. Недозволиво е секој месец да живееме во неизвесност“, порачува Јованоска.
Од Фондот за здравствено осигурување досега нема официјална реакција за овие наводи. Истовремено, директорот Сашо Клековски од крајот на февруари до почетокот на април нема одговорено на ниту едно наше прашањето доставено од нашата редакција