Роковите за исполнување на препораките од УНЕСКО за заштита на Охрид и на Охридско Езеро се одамна изминати, а досега се исполнети само некои, и тоа, пред сѐ, административните. Дел од активностите се запрени поради пандемијата од корона вирусот, а друг дел допрва треба да почнат.
Во јавноста, која постојано сведочи информации и фотографии за изградени парапетчиња на плажите, ѓубришта покрај езерото или изјави на локални властодршци што „баш ги брига“, се шири впечатокот дека состојбите на теренот се влошуваат, објави prizma.mk.
Од Владата велат дека се обидуваат да направат сѐ што можат, и дека ја разгледуваат идејата да го стават целото подрачје под посилна владина контрола ако локалните власти и понатаму имаат тешкотии или немаат волја да ги решат проблемите.
Промена на статусот на Охрид годинава речиси сигурно нема да има, затоа што редовната седница на Комитетот за светското наследство, која требаше да се одржи на крајот на јуни во кинескиот град Фужу, е откажана поради состојбата со корона вирусот. Не се знае кога и како ќе се одржи, на интернет-страницата на УНЕСКО пишува дека се прават консултации за евентуалните нови датуми.
Од граѓанската иницијатива Охрид СОС, за БИРН велат дека прашањето за охридскиот регион би требало повторно да се најде на агендата пред делегатите од државите-учеснички, со оглед на тоа како се развивале настаните од минатата година, кога за малку беше избегната промената на статусот, до денес.
„Со оглед на одлуката на Комитетот од минатата година, а и фактот што во јануари во посета на регионот во двете земји беше реактивната мисија на УНЕСКО, нема причина охридскиот регион да не биде на агендата“, велат од Охрид СОС и додаваат дека нашата Влада лобира тоа да не се случи.
Корона вирусот не ја одложи само одлуката за задржување или промена на статусот на Охрид, туку го запре и спроведувањето на потребните активности. Последен пат кога Владата расправаше за регионот, беше во јануари и во февруари, кога тука беа претставниците на УНЕСКО во реактивна мисија.
Текстот во целост на: prizma.mk.