Бразилските фудбалски легенди Роналдо и Роберто Карлос станаа косопственици на Интер де Лимеира, клуб кој се натпреварува во третата бразилска лига.
Веста ја потврди Роберто Карлос, кој откри дека клубот го купиле заедно со уште тројца партнери.
„Роналдо и јас го купивме Интер де Лимеира заедно со Енрике и уште двајца партнери – еден од Африка и еден од арапскиот свет“, изјави Карлос.
Тој нагласи дека целта е клубот постепено да се развива и во иднина да избори пласман во највисокиот ранг на бразилскиот фудбал. Според него, приоритет ќе биде и продолжување на традицијата на создавање врвни фудбалери за бразилската репрезентација.
Карлос најави дека би сакал на сличен начин да им помогне и на други клубови од државата Сао Паоло. Како пример го посочи Униао Сао Жоао, клубот во кој настапувал како тинејџер и за кој денес игра неговиот внук.
„Ќе се обидам да дознаам повеќе за овие клубови од внатрешноста за да можам да им помогнам – и во пронаоѓање спонзори и во враќањето на фудбалот на нивото на кое било во наше време“, рече Карлос.
Интер де Лимеира е основан во 1913 година и најголемите успеси ги забележа во осумдесеттите години, кога ја освои шампионската титула во државата Сао Паоло во 1986 година и титулата во втората лига две години подоцна. Во моментов е лидер во Серија Ц со 25 бодови по 14 одиграни натпревари.
За Роналдо ова е трет клуб во кој има сопственички удел, откако претходно беше косопственик на Крузеиро и шпанскиот Ваљадолид, а во меѓувреме ги продаде своите акции во двата клуба.